Со досегашните истражувања откриен е мошне обемен движен археолошки материјал. Покрај многубројните фрагменти од керамички садови, откриени се фрагменти од стаклени садови, прозорско стакло, накит (обетки, фибули, прстени), предмети од коска, оружје, делови од воена опрема, орадија, предмети од градежни конструкции, делови од брави и клучеви, околу 140 бронзени монети (сл. 1)и др. Во подлабоките слоеви меѓу античките наоди, откриени се повеќе фрагменти од праисториска керамика, две камени секирки и неколку кремени ножиња. Овие наоди потврдуваат уште една фаза од животот на населбата.
|

Слика 1 - монети пронајдени на локалитетот Таурисиум
|
Најголем број од керамичките садови ги сочинуваат примероците за кујнски потреби, особено огнишната. Тоа се лонци со тенки ѕидови со една, две, или без држалки, некои од нив се украсувани со брановидни линии и плитки канелури на вратот и стомакот. Изработени се од добро прочистена темно сива глина, со темно-кафена до сиво-црна боја на печење. Од трпезната керамика се среќаваат чаши, бокали и чинии, со идентичен начин на изработка како и огнишната, додека од складишната керамика се откриени неколку цели и повеќе фрагментирани делови од питоси. Имајќи ги предвид типолошките вредности, најголем дел од оваа керамика припаѓа на доцноантичката (IV-VI век), додека мал дел на раносредновековната населба (IX-XI век) . Стаклените садови и прозорското стакло најмногу се застапени преку фрагменти од светлозеленикаво и светломаслинесто стакло. Според типолошките вредности застапени се примероци од доцноантичката и средновековната населба.
Меѓу накитот застапени се крстести фибули, прстени, обетки, копчиња и приврзоци, карактеристични за доцниот антички период и раниот среден век (Сл. 2).
|
  
Слика 2 - делови од накит
|
Со досегашните истражувања оружјето и воената опрема се застапени во најголем број. Од оружјето се откриени врвови од стрели и бојни секири (Сл. 3), додека од воената опрема се откриени разни видови токи и апликации за каиш и торбици, копчиња (Сл. 4), војнички оклоп (Сл. 5) и др. Единствено оклопот претставува поредок наод. Тој е откриен од внатрешната страна на одбранбениот ѕид, непосредно до источниот влез. Изработен е од тенки железни и бронзени плочки, во долниот дел полукружно заоблени, а од средината кон долниот дел зајакнати со ребро. Тие се перфорирани со пет дупчиња за зашивување, од кои четири се поставени во горниот (две од левата и две од десната страна) и една во долниот средишен дел. Плочките биле шиени на повеќеслојна говедска кожа, за да се постигне поголема цврстина и јачина за функцијата што е наменет.
Во текот на XI-XII век плочестите панцири биле вообичаена опрема на византиските војници, а покасно се јавуваат и на ликовните претстави. Иако вообичаени во ова време, меѓу археолошките наоди се мошне ретки. Идентични наоди се откриени на локалитети во Србија и Бугарија, додека во Македонија засега претставува единствен наод од ваков карактер.
|
|
|

Слика 5 - железни и бронзени плочки од оклоп
|
|